Република Северна Македонија

Северна Македонија е древна, библиска земја, сместена во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Неправедно е политички поделена по балканските војни (1912-1913), но по долга и упорна борба еден од деловите дефинитивно доби статус на држава - Република Северна Македонија. Република Северна Македонија зафаќа површина од 25.713 км2. Се граничи со неколку држави: на север со Србија и со Косово, на исток со Бугарија, на југ со Грција и на запад со Албанија. Со сите соседни земји има по неколку гранични премини. Територијата на Република Северна Македонија се одликува со карактеристични и туристички изразити природни фактори. Тие се согледуваат преку хетерогениот мозаик на релјефот кој, како на шаховска табла, е изразен низ разни геоморфолошки форми, како: планини, котлини, полиња, долини, клисури. Поради релјефните одлики, на територијата на Република Македонија се присутни разновидни климатски услови - од типична медитеранска до типична планинска клима. Преплетувањето на разни настани низ историјата, токму на територијата на Република Северна Македонија, овозможило присуство на интересни и мошне значајни различни објекти. Овде главно се мисли на културно-историските и на етнографските споменици и творби, на многубројните создадени вредности, како што се: населбите, туристичките локалитети, комуникациските објекти и сл. Сообраќајната инфраструктура главно е ориентирана по долините на поголемите реки. Туристичката комуникација се остварува и преку аеродромите во Скопје и Охрид, како и преку релативно блиските аеродроми во соседните држави. Главни карактеристики на македонскиот туристички простор, покрај транзитниот туризам, се  мошне поволните планински зимски спортски услови, термоминералните извори и прекрасните езера кои овозможуваат извонредни услови за летен стационарен туризам. Геотуристичката положба на Република Северна Македонија се надградува и со присуство на простори зачувани во природна состојба.

 

Население

Според пописот од 2002 г., бројот на населението во Македонија е 2.071.210. Повеќе од 50% од жителите живеат во урбани подрачја, а најмногу во главниот град Скопје. Постојат 1.753 населени места. Мнозинството од населението во Република Северна Македонија се Македонци, но има и малцинства: Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи.

 

Државно уредување

Република Северна Македонија е суверена, демократска и социјална држава. Уставот на Република Северна Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 г., точно го дефинира карактерот на државата, од кој произлегува системот на управување: државата е парламентарна република на чело со претседател. Претседателот ја претставува Република Северна Македонија дома и во странство. Тој е врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија и претседател на Советот за безбедност.

 

 

Државното знаме на Република Северна Македонија

Знамето на Република Северна Македонија претставува жолто сонце на црвена површина. Жолтата и црвената се карактеристични бои на македонската држава. Знамето е усвоено на 5 октомври 1995 г.

 

Државната химна на Република Северна Македонија

Денес над Македонија е државната химна на Република Северна Македонија, која ја напишал и компонирал Владо Малески во 1941 година.

 

Религија

Денес поголемиот дел од населението во Северна Македонија припаѓа на православната христијанска вероисповед, околу 65%. По застапеност, на второ место се жителите со муслиманска вероисповед, околу 33%. Останатите 2% се католици, протестанти, атеисти, нерелигиозни, припадници на други религии.

 

Јазик

Официјален јазик во Македонија е македонскиот, кој се зборува и во САД, во Канада и во Австралија, како и во многу европски земји и секаде каде што има Македонци. Тој е мајчин јазик во деловите од Балканот кои се населени со етнички Македонци. Македонскиот јазик се пишува со кирилична азбука (31 буква) и спаѓа во јужнословенската група јазици.

 

Парична единица

Во 1992 г., набрзо по одвојувањето од Југославија, Република Северна Македонија воведе бонови како транзициски пари. Во 1993 г. беа воведени денарите.